1 ден: 09.05.2027 Скопје-Истанбул
Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 18.00 часот. Полетување кон Истанбул во 20.10, слетување во 22.45 часот по локално време.
2 ден: 10.05.2027 Истанбул-Хонг Конг
Полетување кон Хонг Конг во 01.35, слетување во 17.20 по локално време. Трансфер со автобус до хотелот „Eaton“ 4* (или друг хотел од иста категорија). Сместување на групата, а по краткиот одмор од патувањето организирана вечера во локален ресторан. До крајот на денот слободно време за одмор и индивидуални активности. Ноќевање.
3 ден: 11.05.2027 Хонг Конг-Гуангжу
Појадок. Одјавување од хотелот а потоа започнуваме со разглед на глобалниот финансиски центар, препознатлив по своите 550 облакодери над 150 метри – повисоки од било кој друг град во светот. Како поранешна британска колонија, Хонг Конг има посебен административен статус во Кина, со сопствена валута, пасоши и правен систем. Започнуваме со посета на врвот Victoria – највисоката точка на целиот остров, кој нуди панорамски глетки на пристаништето, квартот Kowloon и околните острови. Во Хонг Конг ќе ги посетиме и Repulse Bay – популарна плажа на јужната страна од островот; историското пристаниште Aberdeen, кое и денес е центар на риболовот и познато по рибниот пазар и многу ресторани со морска храна; и пазарот Stanley во кој можат да се најдат секакви производи. Познатата линија Star Ferry ќе не` однесе во квартот Kowloon, од каде се упатуваме кон железничката станица за да се качиме на воз кон Guangzhou. По пристигнувањето одиме на организирана вечера, а потоа се сместуваме во “Ocean Hotel” 4* или друг хотел од иста категорија. Ноќевање.
4 ден: 12.05.2027 Гуангжу
Појадок, а потоа одиме на организиран разглед на овој 18-милионски град, кој некогаш бил почетна точка на Патот на свилата, а денес е светски трговски центар и мотор на економијата на јужна Кина. Го започнуваме денот со посета на островот Shamian, каде порано биле сместени британската и француската концесија и каде до денес се сочувани повеќе градби во европски стил. Островот денес нуди релаксирана атмосфера за прошетки, а локалните жители честопати го користат за утрински вежби. Продолжуваме кон уличките Yongqing Fang, каде што ќе може да видиме спој на традиционална со модерна архитектура. Впечатлив пример на традиционална јужнокинеската архитектура е Салата на предците на кланот Чен, во која се наоѓа Музејот на народната уметност Гуангдонг со голема колекција на уметнички дела од јужна Кина. На крај одиме на плоштадот Huacheng, наречен „Дневната соба на Гуангжу“, од каде што ќе ја можеме да ја видиме кулата Canton и многу други облакодери во новиот центар на Гуангжу. Вечера во локален ресторан, а потоа враќање во хотелот и ноќевање.
5 ден: 13.05.2027 Гуангжу-Жангјаџие
Појадок. Одјавување од хотелот и трансфер до железничката станица, од каде повторно се качуваме на прочуениот кинески ултра брз воз – bullet train, кој со максимална брзина од 450 километри на час е еден од најбрзите возови во светот. Патуваме околу 1000 километри на север, сè до Zhangjiajie – главниот град на провинцијата Хунан, прочуен по националниот парк со истото име, дом на планините што претставуваа инспирација за големиот филмски хит Avatar. По пристигнувањето организирана вечера а потоа сместување во хотел “Best Western Plus Qingxinyuan Hotel” 4* или друг хотел од иста категорија. Ноќевање.
6 ден: 14.05.2027 Жангјаџие
Појадок, а веднаш потоа одиме во Националниот Парк Zhangjiajie, заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство. Започнуваме со “Галеријата од десет милји” – живописен кањон со уникатни врвови од кварц-песочник и камени формации во облик на луѓе и животни. Продолжуваме кон Yuanjiajie, каде ќе се извозиме со лифтот Bailong, кој го држи светски рекорд како највисокиот лифт на отворено во светот. Лифтот се искачува на висина од 326 метри, а врвот нуди широка перспектива на прекрасниот пејсаж. Токму оттука ќе ги видиме планините Hallelujah, драматичните камени столбови што му ја дале идејата на Џејмс Камерун за фиктивната планета Pandorra. Во Националниот Парк има преку 3000 такви столбови, некои високи и по над 400 метри. Тука ќе го видиме и “Првиот мост во светот” - природен камен мост во должина од 20-тина метри, кој поврзува два од варовничките врвови. Продолжуваме кон планината Tianzi за да ги набљудуваме бизарните столбови и да уживаме во величествените пејзажи спуштајќи се со жичарница. Вечера и враќање во хотелот. Ноќевање.
7 ден: 15.05.2027 Жангјаџие-Чонгкинг
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и одиме до станицата од каде што тргнува една од најдолгите жичарници во светот – Tianmen Mountain Cableway. За 30-тина минути, жичарницата не` искачува на надморска висина од над 1400 метри. На врвот ќе имаме уникатна можност да зачекориме по стаклениот небесен премин, поставен на вертикалните карпи на планината Tianmen. Додека чекориме по стаклениот под, веднаш под нас се наоѓа провалија од 1300 до 1400 метри, што овозможува несекојдневно доживување и неповторлива можност за фотографирање. Ќе го посетиме и висечкиот мост кој се протега во должина од 150 метри, а чекорењето по него изгледа како одење низ провалија, длабока 1500 метри. На крај ќе посетиме уште едно чудо на природата – пештерата Тјанмен, позната и како “Небесна порта”, масивен природен карпест лак чија висина од 131 метар и широчина од 57 метри ја прави најголемата природна формација од овој вид во светот. Ќе имаме можност да стигнеме до самиот отвор, искачувајќи се по 999 стрмни скали. Одиме на организирана вечера, а оттаму на железничката станица за да се качиме на брз воз кон Chongqing. По пристигнувањето, организиран трансфер и сместување во хотел “Holiday Inn & Suites” 4* или друг хотел од иста категорија. Ноќевање.
8 ден: 16.05.2027 Чонгкинг-Ченгду
Појадок а потоа ја започнуваме авантурата низ Chongqing, кој се смета за најголем град на светот. Административните граници на општина Chongqing зафаќаат територија голема колку цела Австрија, на која живеат 32 милиони жители. Chongqing е најмногу познат по неговата нереална cyberpunk топографија – урбанистички стил инспириран од жанрот на научна фантастика за дистописка иднина во која ултра-модерна технологија е испреплетена со обичниот живот. Го нарекуваат и “Градот во 8 димензии“ поради планинскиот терен, футуристичката архитектура и комплексната инфраструктура во која улици, пешачки зони, паркинг гаражи и огромни раскрсници се изградени едно над друго. Го започнуваме откривањето на градот со посета на Салата на еснафите Huguang, изградена покрај реката Јангце, каде што ќе научиме за економското и културното минато на регионот. Продолжуваме кон кулата Kuixing која ќе ни го долови уникатниот архитектонски стил на Chongqing. Тука ќе зачекориме на плоштадот што се прослави на интернет бидејќи од едната страна е на нормално ниво, а на другиот крај надвиснува од 22-от кат од кулата. Ќе видиме уште едно урбано чудо – градската железница што на станицата Liziba поминува низ станбена зграда. Потоа одиме на возење со жичарница преку реката Јанце, пред да се прошетаме по старата улица Longmenhao за да го доживееме шармот на ерата на Република Кина од 1930-те. Вечерта ќе го пробаме локалниот специјалитет – автентичен Hot Pot. По вечерата организиран трансфер до железничката станица, од каде се качуваме на воз до Ченгду – уште 300 километри на север. По пристигнувањето сместување во хотел “Anyee Xinliang Grand Hotel” 4* или друг хотел од иста категорија. Ноќевање.
9 ден: 17.05.2027 Ченгду
Појадок. Дваесет-милионскиот Chengdu е главен град на провинцијата Сичуан, но е уште попознат како светски главен град на пандите. Провинцијата Сичуан е родното место на големите панди и во неа денес живеат околу 70% од сите слободни панди во светот, кои според проценките се вкупно околу 1900. Во осумдесеттите години од минатиот век, оваа провинција започнала со програми за заштита на овие симпатични суштества. Како резултат на овие напори, денес постои Истражувачката база Ченгду за размножување на џиновски панди, во која живеат 260 панди – најголемата популација во светот. Во базата ќе имаме можност да ги набљудуваме пандите, а во музејот ќе научиме повеќе за нив и нивните навики. По дружењето со пандите, одиме во откривање на другите знаменитости на Ченгду, почнувајќи со Народниот парк, каде што можеме да испиеме чај во некоја од локалните чајџилници, и завршувајќи со старата улица Jinli, каде што ќе видиме многу ракотворби и ќе можеме да вкусиме локални закуски. Организирана вечера, а потоа се враќаме во хотелот. Ноќевање.
10 ден: 18.05.2027 Ченгду-Гуилин
По појадокот се одјавуваме од хотелот и одиме на железничката станица за да се качиме на брз воз кон Guilin. Растојанието од скоро 1200 километри ќе го поминеме за 5 и пол часа, а по пристигањето ќе се упатиме до една од најголемите туристички атракции во овој град – “Пештератата со флејта од трска”, во која можат да се видат многу сталактити и сталагмити, но и повеќе од 70 поеми испишани на ѕидовите од пештерата, од кои најстарите датираат од пред 1300 години. Организирана вечера, а потоа се сместуваме во хотел “Holiday Inn Qixing” 4*, или во друг хотел од иста категорија. Ноќевање.
11 ден: 19.05.2027 Гуилин-Јангшuo
Појадок. Претпладнето е резервирано за крстарење по реката Li, кое е едно од најпознатите речни крстарења во светот. Од бродот ќе можеме да видиме спектакуларни пејзажи од ридови од варовник кои со векови инспирирале многу кинески поети и уметници. Пејзажот е толку познат што се наоѓа и на кинеската банкнота од 20 јуани. Попладнето одиме во околните рурални области и ќе имаме можност да научиме за животот на локалните земјоделци во јужна Кина. Во далечината ќе можеме да го видиме познатиот Moon Hill – рид кој има огромна пештера во облик на месечина. Денот го завршуваме во живописното мало гратче Yanghuo, познато по спектакуларните пејзажи од планините кои го опкружуваат. Слободно време за прошетка низ шармантните улици на Yanghuo. Враќање во хотелот и ноќевање.
12 ден: 20.05.2027 Гуилин-Хонг Конг-Истанбул
Појадок и слободно време за индивидуални активности во Гуилин. Се одјавуваме од хотелот и се упатуваме кон железничката станица за да се качиме на брз воз кон Хонг Конг. Вечера и слободно време во Хонг Конг, а потоа организиран трансфер до меѓународниот аеродром. Летот за Истанбул е во 22.30 часот.
13 ден: 21.05.2027 Истанбул-Скопје
Слетување во Истанбул во 05.00 по локално време. Летот за Скопје е во 07.25, пристигнување во 07.55 по локално време.