1 ден: 11.01.2027 Скопје-Софија
Поаѓање кон аеродромот во Софија во вечерните часови со организиран трансфер. Пристигнување на аеродромот раните утрински часови.
2 ден: 12.01.2027 Софија-Франкфурт-Рованиеми
Летот за Франкфурт е во 06.25 по локално време, слетување во 07.55. Летот за Рованиеми е во 08.45, слетување во 12.55 по локално време. Организиран трансфер со автобус до хотелот „Santasport Resort” 3*, во Рованиеми - главниот град на Лапонија, најсеверниот регион на Финска. Сместување на групата и слободно време за одмор од патувањето. Го договараме времето кога магијата може да започне и заминуваме во разглед на едно од најубавите места кои можеме да ги видиме во Рованиеми: тематскиот Музеј и Научен Центар Арктикум кој ќе Ви го одземе здивот уште со самата необична полукружна градба со огромна, долга стаклена галерија. Тоа е еден од најдобрите музеи во Финска, а изложбените простори вклучуваат арктичка флора и фауна, природни костими кои ги носеле Самите – староседелците во Лапонија, мебел, риболовни материјали. Со посетата на овој Музеј во потполност ќе успееме да се запознаеме со културата на Самите и со природните феномени. Во договореното време се враќаме во хотелот. Во вечерните часови гостите во хотелот можат да го користат спа центарот во хотелот (со доплата). Ноќевање.
3 ден: 13.01.2027 Рованиеми
Појадок. Започнуваат авантурите кои ќе ни донесат многу возбудувања. Утрото заминување на посета на фарма со хаски каде ќе имаме несекојдневна можност да се запознаеме со начинот на одгледување на овие арктички кучиња и нивната дресура. Едно од највозбудливите искуства што ќе го доживееме во Лапонија е возењето низ снежната дивина со санки кои ги влечат кучињата. Пет километри возбуда што ќе ја паметиме цел живот! Враќање во фармата за да се стоплиме со топла напивка и да се фотографираме за спомен со хаските. Во договореното време одиме во хотелот. Слободно време за одмор и за индивидуални активности. Во вечерните часови нè очекува уште една неверојатната авантура - заминуваме во потрага по природниот феномен поларна светлина. Ги напуштаме градските светла и со автобус се упатуваме кон темната и мирна природа, на место од каде што поларната светлина може најубаво да се набљудува. Таму, покрај логорскиот оган ќе ги слушнеме најинтересните приказни за овој феномен... Aurora Borealis е нешто што фасцинира многу луѓе од целиот свет кои доаѓаат тука за да уживаат во магијата што се создава од волшебниот спектакл на поларната светлина над Арктикот. Дури и да немаме среќа да ја видиме бидејќи нејзиното појавување зависи од временските услови, неколку часа ќе уживаме во оваа несекојдневна вечер; ќе се грееме со топли пијалоци и насладуваме со фински колбаси печени на логорски оган. Во договореното време се враќаме во хотелот. Ноќевање.
4 ден: 14.01.2027 Рованиеми
Појадок. Уште еден ден на магичниот север, и време е за нова авантура што ја овозможува Арктикот - посета на хотел од мраз. Со организиран трансфер се упатуваме кон хотелот што ќе имате можност да го посетите само еднаш, бидејќи е изграден целосно од снег и мраз кои ќе ги стопи доаѓањето на пролетта. На почетокот на зимата повторно се гради нов хотел, различен од претходниот. Патувањето во Рованиеми не е комплетно без прошетка низ ходниците и собите на хотелот, украсени со прекрасни скулптури од мраз. Ќе ги посетиме и ледената капела со олтар и клупи каде секоја сезона се склучуваат многу бракови, како и ресторанот и барот на хотелот, секако, направени целосно од мраз, во кои и пијалоците се служат во чаши од мраз. Слободно време за уживање во волшебниот амбиент и за правење многу уникатни фотографии што ќе ни останат во најубав спомен. Враќање во хотелот и до крајот на денот слободно време за прошетки низ градот или за користење на спа центарот во хотелот. Ноќевање.
5 ден: 15.01.2027 Рованиеми
Појадок. Организирано заминување кон фарма со ирваси. Блиската средба со миленичињата на Дедо Мраз ја зголемува уште повеќе нашата возбуда и љубопитство. А тие, милите животинчиња ќе ни приредат адреналин што ќе го почувствуваме можеби само еднаш во животот - ќе не` возат 400 метри низ снежната убавина. Ирвасите не се брзи животни ниту пак возењето трае предолго, но сепак, ова е единствено доживување кое е уникатно само за себе. И покрај тоа што ирвасите не сакаат да се галат, сепак, ќе бидат среќни ако ги нахраниме... И тука правиме илјадници фотографии за спомен. Потоа заминуваме кон центарот на Рованиеми да направиме нови фотографии за спомен на линијата која го одбележува местото низ кое поминува арктичкиот поларен круг. Ова е градот кој живее за зимата бидејќи на секој чекор ќе не` среќаваат обележја на ирваси – почетокот е уште од аеродромот кој е осветлен со седум светлечки ирваси, па се до проектирањето на градот од најпознатиот фински архитект Алвар Аалто, со улици распоредени во облик на роговите на ирвасот. Но ова, се разбира, не можеме да го забележиме додека шетаме низ градот. Грев е на ова патување предолго да одмараме; затоа заминуваме да го доживееме најмагичниот момент- средбата со насмеаниот старец кој сме го сонувале како деца, сме го чекале да се појави под елката, замислувајќи го како лета на санките преполни со подароци влечени од ирваси. И да, никогаш не сме успеале да го видиме, бидејќи како по правило тој секогаш ги остава подароците кога ние спиеме... Но овојпат сосема сигурно е дека ќе успееме да го видиме во неговото село во кое тој живее заедно со своите помошници кои работат во текот на целата година за да можат сите деца да ги добијат своите подароци за Божиќ. Дедо Мраз ќе имаме можност да го запознаеме во неговата канцеларија. Дури и да не верувате во Дедо Мраз, сепак по оваа средба можеби ќе го смените својето мислење... И ќе поверувате! Слободно време за прошетка низ селото, а потоа се упатуваме кон официјалната пошта на Дедо Мраз каде можеме да напишеме и испратиме честитки до нашите пријатели ширум светот кои ќе го имаат на себе специјалниот поштенски печат на Арктичкиот круг. Во договореното време се враќаме назад во хотелот. Слободно време за одмор и за сонување на доживувањата од денешниот возбудлив ден бидејќи токму тука е крајот на оваа зимска приказна. Ноќевање.
6 ден: 16.01.2027 Рованиеми-Франкфурт-Софија
Појадок и слободно време за уште неколку часови уживање во поларната бајка. Одјавување од хотелот и организиран трансфер до аеродромот. Летот за Франкфурт е во 13.50 часот, слетување во 16.15 по локално време. Полетување од Франкфурт во 19.45, слетување во Софија во 23.00 по локално време. Организиран трансфер со автобус од аеродромот во Софија кон Македонија.
7 ден: 17.01.2027 Софија-Скопје
Пристигнување во Скопје во раните утрински часови.